Премиерот Христијан Мицкоски и опозиционерот Венко Филипче се согласни дека е добро што се испратила порака на обединување, по нивната вчерашна средба. Целта им била за клучните теми да имаат исти тонови, а за ова Мицкоски е подготвен и за нови средби.
„Очекувам и други опозициски партии, доколку побараат средба, истото ова да им го образложам и предложам и кога станува збор за клучните прашања да бидеме сите ние обединети и да изградиме консензус“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Ние и понатаму ќе бидеме политички различни, меѓутоа кога станува збор за државата, мора да седиме сите заедно и да ги решаваме проблемите“, изјави Венко Филипче од СДСМ.
Филипче демантираше дека постоела намера да се формира моноетничка коалиција, а како свој аргумент ја искористи изјавата на Арбен Таравари.
„Ја повикав средбата за претседателите на сите политички партии, еден од претседателите на една албанска партија, да потсетам, кажа дека тоа би било губење време, а сега нè обвинуваат за некаква моноетничка средба“, изјави Венко Филипче од СДСМ.
Сепак, од ДУИ се сомневаат на спротивното.
„Дали оваа средба е обид за воспоставување на нова политичка хиерархија врз основа на етничка припадност, каде што Албанците се отстранети од суштинските процеси на одлучување? И конечно – дали албанските партии избрани од премиерот биле воопшто консултирани за оваа средба?“ – велат од ДУИ.
Министерот Таравари денеска се појави во јавноста, но не сакаше да одговара на политички прашања. Од коалицијата „Вреди“ претходно истакнаа дека не постојат ниту јавни, ниту тајни планови за отстранување на Албанците од било кое ниво на власта.
