Премиерот Христијан Мицкоски, денеска истакна дека состојбата со горивата во Македонија е стабилна, и дека е договорено со „Окта“ попуст од 3 денари за дизел горивото, кое стапува на сила веднаш.
Исто така рече дека нема потреба од ограничување на количината на гориво кое го полнат странските државјани на пограничните простори, особено во северниот, западниот и јужниот дел на земјава.
„Имаме апсолутно доволно количини за граѓаните, зголемен е конзумот во одредени погранични области, со Албанија, со Косово, Србија и со Грција, зголемен е вкупниот конзум за 10%, затоа што голем дел од тие граѓани доаѓаат кај нас и полнат горива, затоа што имаме и до 50 центи поевтини горива. Нафтоводот е во стабилна состојба, цевката е полна, складиштата се полни, државните резерви се полни за следните 60 дена, и апсолутно нема потреба од никакви мерки на ограничувања. Информиран сум дека и дел од аеродромите во околината се снабдуваат со керозин од кај нас. Предизвици има и ќе ги решаваме, но она што е најважно е како држава имам најниска цена на горивата за граѓаните и за бизнисот“, рече Мицкоски.
