Мицкоски: Судењето за 27 април е политички монтирано – СДСМ: Актуелната власт ги помилува криминалците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судскиот процес против организаторите на нередите од 27 април 2017 година во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски го оцени како политички монтиран случај, со наводни наредби од претходната власт.

Девет години по настанот, кога толпи демонстранти го пробија полицискиот кордон и насилно влегоа во зградата на Собранието, премиерот денес изјави дека тие биле неправедно обвинети за тероризам, но требало да одговараат за други кривични дела.

„Станува збор за политички монтиран случај од претходната влада, предмет во кој, според мене, невини лица беа осудени како терористи. Невини како терористи, но тие направиле одредени дејствија за кои требало да одговараат реално за тоа што го направиле. Но, за жал, тие одговараа за тероризам, нешто што навистина беше невидено во тој момент. Што се однесува до другите информации од тој период, и самите обвинители и судии се изјаснија дека се работи за монтирани процеси, дека биле уценувани со политички наредби како да се води судењето и за што. Луѓето биле ослободувани од притвор за да дојдат во Собранието да гласаат за уставните измени, така што станува збор за еден тажен процес.“, вели Мицкоски.

Реагираа и од СДСМ, наведувајќи дека и самиот Мицкоски бил присутен тој ден во Собранието, кога, поттикнати од организаторите, бил загрозен животот на пратениците, новинарите и другите вработени, кои биле брутално нападнати. Портпаролката на социјалдемократите, Богданка Кузеска, изјави дека крвавиот 27 април, најцрниот ден во историјата на демократијата во земјата, бил организиран обид за државен удар, според неа, предводен од ВМРО-ДПМНЕ на Груевски.

„Девет години подоцна, наместо целосна правда – сведоци сме на обиди за срамен рехабилитација на насилниците. Откако ВМРО-ОКГ дојде на власт, осудените за 27 април се ослободуваат од затвор само со еден потпис. Во исто време, истите луѓе и истите мрежи повторно се активираат. Батман Вели, обвинет за 27 април – денес, заедно со Латас, се носители на анти-европска кампања и напади врз СДСМ преку медиумската мрежа на Орбан. Јане Ченто одржува прес-конференции и се заканува со тужби. Контроверзниот разузнавачки функционер Горан Живаљевиќ, човекот кој беше во Собранието на денот на нападот – останува симбол на странското влијание во тие настани и на БИА. Повторно слушаме за Сашо Мијалков и Никола Груевски – денес истиот тим, истата група, истата криминална матрица.“, рече Богданка Кузеска.

Реагираа и од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, оценувајќи ги нередите како терористички напад на демонстрантите кои насилно влегле во Собранието. Лидерот на оваа партија, кој тогаш беше брутално претепан, Зијадин Села, изјави дека таа толпа имала цел да ја урне законодавната власт и да ги елиминира најгласните албански пратеници.