Мицкоски: Уште во првите 100 дена од новата Влада ќе има многу добри вести за граѓаните и за македонската економија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција кажа дека уште во првите 100 дена ќе се случат промени во Македонија, за граѓаните и за економијата.

„Благодарност за сите кои гласаа за нашата опција. Честа е голема, нема да ве разочараме. Планирам резултатите да се почувствуваат уште во првите 100 дена. Во разговори сме за силен економски пакет за подобрување на економијата. Очекувајте уште во првите 100 дена многу добри вести за граѓаните и за македонската економија.

Благодарност и до оние кои излегоа на гласање кои не гласаа за нас. Дозволете ми да се обратам до членството и идните функционери. Никогаш не го заборавајте овој народ, овој народ кој испиша историја на овие избори, народ кој со упорност и верба и со гласачко ливче ја победи корупцијата и криминалот, и си ја вратија повторно Македонија. Народот покажа дека порано или подоцна следува одговорност. Затоа што од судот на народот никој не избегал, како и од судот на Бога.

Имаме причина да се радуваме и да сме задоволни и да сме благодарни, но причина и лекција да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност. Нема да е лесно, имаме предизвици, но ова е показател дека ќе успееме. Доста е со деновите кога Владата им служи на коалициски партии. Ние ќе им служиме на сите граѓани, без разлика на пол, и на политичка партија. Ќе се гордеете дека оваа земја ќе застане на нозе. За брзо време почнуваме преговори за коалиција и формирање на влада“, кажа Мицкоски.