Ќе гласа ли ВМРО-ДПМНЕ за поддршка за техничката Влада односно изборот на Талат Џафери како технички премиер. Претседателот на опозицијата Христијан Мицкоски вели дека Џафери не ја заслужува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ , со што навести дека тие нема да гласаат за изборот на техничкиот премиер.
„Се уште не сме донеле став на партиските органи, мислам дека не ја заслужува Талат Џафери поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер, не ја заслужува поддршката за ништо Талат Џафери од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес да се воздржиме од било какво гласање, но тоа повторно ќе кажам е мој став ќе видиме што ќе одлучат партиските органи“, вели Христијан Мицкоски.
Но како ќе помине изборот на техничката Влада ако ВМРО-ДПМНЕ не гласа во која и тие самите учествуваат? За премиерот Ковачевски ваквата можност е крајно несериозна.
„Тоа и нелогично и недемократски. Па тогаш другите министри предложени кој да ги гласа? Затоа велам дека треба да се почитуваат законите. Тоа е исто како јас да кажам – знаете 100 дена пишува во законот дека треба да се поднесе оставка од страна на претседателот на Владата и јас да кажам, не јас ќе поднесам на 96 дена пред Владата. Зошто? Е па затоа зашто јас така сметам, е тие тоа го прават. Ако законот вели тие политички партии учествуваат, тие учествуваат, одат во Собрание ја гласаат Владата и започнува изборниот процес“, порача Димитар Ковачевски.
Во однос на изборот на испразнетото место во Државната изборна комисија каде треба да седне член од албанската опозиција за сега се уште нема најава кога таа ќе се комплетира. Првите луѓе на Беса и Алтернатива Касами и Гаши најавија протести и напуштање на Собранието и негова блокада. И Мицкоски претходно рече дека ако албанската опозиција не го добие 7-те столче во ДИК тие ќе ги повлечат своите членови.
„Ценам дека во периодот што следи треба час поскоро да биде таа точка од дневниот ред, да се избере претставник во Државната изборна комисија кој што е номиниран од страна на албанската опозиција, јасно се знае која е таа албанска опозиција во Македонија, кои се тие политички партии во парламентот. Тие треба да си дадат свој човек, да кажат позади кој човек од тие што се кандидати стојат и да го изгласаме“, вели Христијан Мицкоски.
Инаку околу договорот за техничката Влада, премиерот Ковачевски најави дека во следниот период ќе има средба со Мицкоски за да се договорат околу кандидатите кои ќе ги преземат министерските и заменичките позиции. Изборот на техничката влада треба да се случи на 28 јануари, откако претходно премиерот Ковачевски ќе си поднесе оставка.
