Мицкоски: Во ДУИ има многу корумпирани – Ахмети не сакаше да се произнесе, ја повтори потребата од ветинг

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во оваа Влада има многу корупција, обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а ден претходно изјави дека неговата партија, а и тој лично се меѓу единствените кои отворено зборуваат за корупцијата во редовите на ДУИ. Опозицискиот лидер додава дека постојано бара предвремени парламентарни избори, бидејќи во Владата во моментов одлучуваат само ДУИ и Ахмети.

Во однос на обвинувањата за корупција во ДУИ, став побаравме и од претседателот на интегративците, Али Ахмети на прославата што ја организираа по повод достигнувањата во 2022 година. Ахмети не сакаше да се произнесе само за медиумите, а во неговиот говор рече дека без владеењето на правото, земјава не може да направи ниту еден чекор кон ЕУ.

„Иднината е да се фатиме за работа, да ги засукаме ракавите и искрено да работиме за вистински ветинг. Владеењето на правото, правната држава е нужност која мораме да ја направиме функционална и оваа одговорност не е само на ДУИ“, вели Али Ахмети

Потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми рече дека нивната партија е единствената која побарала од правосудните органи да се истражат сите функционери на ДУИ еден по еден. 

И албанските опозициски партии постојано упатуваат критики за корупција на адреса на функционерите на ДУИ.