Мицкоски во одбрана на Николоски – Главчев: Говорот што го користат нема да им помогне за членство во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски нема да го разреши вицепремиерот Александар Николоски. Ова беше барање на бугарските политичари како знак на извинување по изјавите на Николоски, кој остро ги критикуваше политичарите во Софија, особено претседателот Румен Радев. 

„Жалам што во отсуство на сериозна визија, проект, стратегија и политики главна тема во Бугарија сакаат да биде Македонија и македонското прашање, но тоа е нивен избор, не е наш избор. Јас им посакувам успешна кампања и конечно по седми пат да изберат стабилна политичка Влада со којашто ние како македонска Влада ќе можеме да градиме вистински добрососедски односи.“, вели Христијан Мицкоски

Оставка од Николоски побара поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, според кого, ако тоа не случи Софија треба да престане да разговара со Скопје. Од партијата на Борисов, ГЕРБ, дополнително истакнаа и дека ќе бараат исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија.

„Ха.. па добро тоа сега… не е април. Тоа би била една добра првоаприлска шега.“, вели Христијан Мицкоски.

Ставовите на Николоски ги коментираше и технички премиер на Бугарија, Димитар Главчев.

„Конкретно за Република Северна Македонија не сметам дека говорот што во последно време го користат ќе им помогне да станат земја-членка на Европската Унија. Не станува збор за некакви нови преговори , мислам дека доволно компромиси направивме со националниот идентитет и тие едноставно треба да ги почитуваат барањата на Европската Унија за да станат земја-членка.“, вели Димитар Главчев.

Претходно, вицепремиерот Александар Николоски ги оцени бугарските политичари кои побараа тој да биде разрешен како недостојни и корумпирани, а за претседателот Румен Радев кажа дека е непристоен и нецивилизиран, поради отсуството на државното средба на средбата со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.