Мицкоски во разговор со Рубио во Њујорк: Потврдена важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека во Њујорк разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио, оценувајќи ја средбата како важна за натамошно зајакнување на односите меѓу Македонија и САД.

„Во Њујорк разговарав со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио. Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави.“ напиша премиерот.

„Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник.“, истакна Мицкоски.

Во својот пост, премиерот се осврна и на актуелниот геополитички контекст, нагласувајќи дека во период на сериозни предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници имаат особено значење.

Тој рече дека Македонија има јасно дефинирани државни интереси и дека продолжува да ги застапува „достоинствено и принципиелно“ заедно со своите стратешки партнери.

„Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности.“, напиша Мицкоски.