Иако во последните два дена беше главна тема градинката во Арачиново, денеска за тоа не сакаа да зборуваат ниту министерот за социјална политика Фатмир Лимани, ниту градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими.
Лимани не ни одговори дали неговиот шеф на кабинет имал комуникација со општинската администрација на Арачиново за да се реши проблемот, како што вчера рече премиерот Мицкоски. Градоначалникот на општината Ибрахими само телефонски ни потврди дека претставници на министерството разговарале со општината.
И ова прашање беше отворено на собраниската седница за пратенички прашања . Пратеничката од Европскиот фронт Рина Ајдари го праша премиерот Мицкоски дали ќе бара одговорност од Лимани?
„Дали ќе барате политичка одговорност од него? Како? И преку кои механизми кажете ни вие кои сте за владеење на правото и почитување на законите, како е можно да толерирате сериозни прекршувања на законите од страна на вашиот владин член“, вели Рина Ајдари.
Мицкоски рече дека нема да одговори на нејзиното прашање, туку за жителите на Арачиново и Липково, уверувајќи дека за неколку дена ќе се реши прашањето.
Целата оваа расправа започна откако министерот Лимани на прашањето за отворањето на градинката во Арачиново рече дека нема да потпише за вработување без да му се извини градоначалникот на општината Ибрахими кој го нарече нелегитимен министер. Ден по изјавата на Лимани, премиерот Мицкоски им се извини на жителите на Арачиново и Липково за непријатностите, уверувајќи ги дека градинките ќе бидат отворени, бидејќи одобренијата се веќе дадени.
