Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ нема да има. Идните чекори на партијата ќе се одлучуваат во ноември по редовниот конгрес кој се одржува на секои четири години. На ваков начин одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако Иницијативниот одбор за промени најави вонреден 17-ти конгрес на 28 март. За Мицкоски, овие лица се слуги на Зоран Заев.
„Доколку ме прашувате за оваа т.н Инцијатива на мал број на луѓе зарабеници и слуги на Зоран Заев кои што се обидуваат да манипулираат со дел од делегатите кои беа присутни на конгресот во Куманово, но и во Валандово, а со единствена цел практично да добијат милост од нивниот стопан Зоран Заев за да можат да се спасат определен кривичен и политички прогон што се случува за нив денеска. Можам да ги разберам, но не можам да ги оправдам, вели Мицкоски“, истакна Христијан Мицкоски.
Веднаш по состанокот на Централниот комитет, повторно се огласија од Иницијативниот одбор. Од таму уште еднаш ги повикаа сите делегати и членови на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат во промените.
„ВМРО-ДПМНЕ не може веќе да си дозволи таков луксуз да биде водена од човек кој ја влече надолу и стимулира нови поделби и расправии. На ВМРО-ДПМНЕ и треба сплотеност и решителност во реализација на стратешките цели. На ВМРО-ДПМНЕ и треба вонредниот 17-ти конгрес на кој што ќе се преиспитаат политиките водени од Мицкоски овие три години и ќе се зацртаат насоките во кои партијата ќе се врати на победничките патеки“, велат од Иницијативниот Одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од Иницијативнот одбор се поранешниот градоначалник на Дојран Борче Стамов, екс градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, на Аеродром Ивица Коневски, потоа Филип Петровски, како и уште неколку членови на опозициската партија. Најверојатно поддршка ќе добијат и од актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев кој во 2018-та година беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ.