Обезбедувачот на премиерот Христијан Мицкоски кој заврши во притвор поради семејно насилство врз сопругата е дел од претходницата, а неговата сопруга е ќерка на негов колега од факултет. Премиерот откри детали за случајот со семејно насилство, во кој е инволвиран припадник на неговото пошироко обезбедување и кажа дека тоа е доказ дека законот важи поддеднакво за сите.
„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото кога членови на обезбедување на претседателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети, во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ и така и ќе продолжиме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам, не само во рамки на моето обезбедување. Инаку за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам јас така често, а за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет.“, изјави Мицкоски.
Од СДСМ пак по скандалот со обезбедувачот на премиерот, бараат оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Ако полицијата на Тошковски се тепачи и учесници на семејно насилство, нема систем што може да се воспостави за превенција ниту пак заштита на жртвите. Полицијата е понижена, напредуваат кадри кои можат да дојдат од улица или од ВМРО, а не луѓе кои со години се усовршуваат во службата. Што уште треба да се случи за Панче Тошковски да понесе морална одговорност и поднесе оставка?“, прашува Наташа Поповиќ, членка на извршниот одбор на СДСМ.
Обезбедувачот на премиерот е во 8 – дневен притвор кој му го определи скопскиот кривичен суд. Според официјалниот билтен на МВР пак припадникот на обезбедувањето (Р.Р.) веќе е отстранет од работното место. Настанот се случил на 2 мај, околу 23 часот кога неговата 37-годишна сопруга пријавила дека била физички нападната во семејниот дом, каде ѝ биле упатувани и закани.
