Премиерот Христијан Мицкоски очекува граѓаните за три години да живеат значително подобро отколку денес. Одговарајќи на новинарско прашање за критиките од опозицијата во однос на растот на БДП, тој оцени дека состојбата во земјата е подобра во споредба со периодот пред три години.
„Во случајов можам да кажам, дека имајќи во предвид каква беше состојбата пред 25-26 месеци, она кое што го наследивме со уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. Можам да кажам, колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се сложиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години, а јас ви ветувам дека за три години од денеска ќе се живее многу подобро од денес и тоа е наша цел како Влада“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата е мотивирана да продолжи со реализација на мерките и проектите кои, како што рече, треба да придонесат за подобар стандард и поквалитетен живот на граѓаните.
„Ќе повторам, мотивирани сме како никогаш до сега, да испорачуваме нешто што се гледа, нешто што граѓаните можат да го видат што допринесува за подобриот стандард и живот за граѓаните и инспирацијата целосно ја црпиме од поддршката што ја добиваме од граѓаните и јас сум за тоа исклучително благодарен“, потенцираше Мицкоски.
Премиерот призна дека Владата не е без грешки, но оцени дека резултатите се подобри во однос на периодот пред три години.
„Дека се идеално е, не е. Дека има грешки има, кој работи знае понекогаш и да погреши, но дека е подобро од пред три години, морате сите да се сложите дека е“, додаде Мицкоски.
