Нелегална, недозволива и провокативна, ја карактеризира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, одлуката на Гордана Сиљановска Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и паралелно ја повика новата претседателка „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“, но и порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.
Во опширниот пост на Фејсбук објавен рано утрово, Мицотакис потсетува на позициите на Нова демократија додека беше опозиција, истакнува дека Грција не прифаќа вакви пропусти и посочи дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Договорот од Преспа се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ перспективата на земјата.
-Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.
