Мицотакис во НАТО ќе зборува за името – ВМРО-ДПМНЕ: Подготвени сме да разговараме што не исполнила Грција

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Економска и политичка поддршка за остварување на стратешките интереси на државата побара премиерот Христијан Мицкоски од американски конгресмени. Во Вашингтон, каде Мицкоски замина по повод НАТО Самитот, тој се сретна со повеќе американски функционери со кои разговарал и за билатералните односи со САД. Мицкоски имаше и говор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, каде се осврна на евроинтеграцијата.

„Ние нема да може да бидеме спремни да ги отпочнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во земјата. Но дали е ова последното барање? Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во ред, немаме одговор на ова прашање.“, рече Мицкоски.

Тридневниот Самит на НАТО е причината за првото патување на Мицкоски како премиер надвор од земјава, но и прва прилика да сретне со грчкиот колега Киријакос Мицотакис, со кого ја заострија реториката поради употребата на уставното име. Официјална Атина потврди дека на Самитот ќе се зборува за Преспанскиот договор, откако претходно Мицотакис најави дека Мицкоски ќе биде непријатно изненаден.

„Секако дека ќе се покрене прашањето за прекршување на основните одредби од Договорот од Преспа од соседната земја. Не знам за некоја планирана средба со премиерот на Северна Македонија. Не знам дали ќе се случи, но сигурно не постои нешто што е планирано од грчка страна.“, изјави Панос Амирас, портпарол на владата на Грција.

Мицкоски неодамна кажа дека ќе замине подготвен за Вашингтон со документ кој ќе ги содржи обврските што Грција не ги исполнила. Сепак, од неговата партија велат дека е подобро да се зборува за јакнење на економските односи, отколку да се јакнат националистички страсти.

„Македонската страна е подготвена да разговара за сите прашања, вклучително и за исполнување на Преспанскиот договор, за кој веќе е познато дека се почитува од македонските власти. Еден таков дијалог би бил добра прилика да се види кои работи ги исполнила и грчката страна.“, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски на Самитот е придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, како и министрите за одбрана и за внатрешни работи, Владо Мисајловски и Панче Тошковски. Во Вашингтон е и спикерот Африм Гаши, кој ќе учествува на Парламентарното собрание на НАТО, а главен фокус ќе биде помошта за Украина.