Младите лекари сѐ уште чекаат на специјализација. Двата конкурса за младите специјализанти требаше да се објават на 15 март и 15 септември минатата година, но досега ниту еден не е отворен. Ресорниот министер, Венко Филипче во ноември 2020 година вети дека до крајот на годината програмата ќе биде изготвена, по што ќе биде објавен конкурс. Но, ова не се случи, а тој истото ветување го даде и за јануари 2021 година.
На почетокот на јануари, министерот рече дека ги изготвиле програмите со податоци од сите ЈЗУ, процес кој им одзема повеќе време. И повторно не даде конкретен датум околу тоа кога ќе почнат со специјализација младите лекари кои чекаат уште од март минатата година.
„Сѐ уште се координираме со Деканатот. Имавме повеќе состаноци и програмата е при крај. Целта е да не се избрза и програмата да одговара на потребите, а тоа бара детални податоци од сите ЈЗУ. Затоа зема повеќе време“, истакна Венко Филипче.
Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари бараат што поскоро да се објави конкурс и да почне постапката за специјализација на младите лекари.
Неодамна до редакцијата на ТВ21 пристигнаа бројни поплаки од младите лекари кои чекаат да почнат со нивната специјализација на државно ниво.
