Утре почнува вакцинацијата против Ковид-19 со вакцините добиени од Србија. Модуларната болница каде ќе се вакцинираат првите пациенти е подготвена. Од медицинскиот кадар почнува вакцинацијата бидејќи тие се „во првите борбени редови“.
Меѓу нив нема да биде министерот за здравство Венко Филипче.
„Јас нема да бидам меѓу првите кои ќе се вакцинираат, колегите од Ковид центрите кои се во прва линија во битката со пандемијата имаат предност за вакцинација“, истакна Венко Филипче.
Вакцинацијата ќе се спроведе во 6 вакцинални позиции каде ќе се вакцинираат лекари и медицински сестри. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот велат од Министерство за здравство за ТВ21.
„Утре вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника во Скопје. Пунктот во модуларната болница каде има 6 вакцинални позиции ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. Според утврдениот план вакцинацијата ќе се направи на секои 10 минути“, велат од Министерството за здравство.
Инаку на онлајн платформата vakcinacija.mk се пријавиле 50 200 граѓани за вакцинација. Имунизацијата во нашата земја почнува со 4 680 вакцини на компанијата Фајзер кои РСМ в недела ги прими како донација од Србија. До крајот на февруари најавено е дека ќе пристигнат и кинеските вакцини.
