Петнаесетгодишно момче преживеа речиси три дена држејќи се за превртен брод во Беринговото Море, додека неговиот брат и братучед настрадаа. Тој беше спасен од екипажот на еден рибарски брод во близина на островот Сент Лоренс – остров на Алјаска во Беринговото Море, лоциран недалеку од рускиот брег – пренесува АП.
Тројцата млади луѓе тргнале со брод од островот Сент Лоренс во петокот и се очекувало да се вратат до недела наутро. Кога не се појавиле, нивното семејство пријавило дека се исчезнати во неделата навечер. Следниот ден наутро, Крајбрежната стража на САД започнала операција за пребарување со користење авиони и хеликоптери. Момчето на крајот било пронајдено од екипажот на рибарскиот брод „Нортвест експлорер“ (Northwest Explorer) додека сè уште се наоѓало на превртениот брод. Надлежните органи не ги соопштија имињата на тројцата млади луѓе.
Еден од воздухопловните тимови во понеделникот го забележа преживеаното дете, кој се држеше за трупот на превртен брод. Тие спуштија сплав за спасување и залихи до него, а потоа стапија во контакт со рибарскиот брод „Northwest Explorer“, кој се наоѓаше во близина. На снимката од спасувањето се гледа како екипажот му фрла јаже на дечкото и го влече неговиот брод поблиску, сè додека не успеат да го качат на безбедно.
„Тој се држел за тој брод речиси три дена. Неверојатно издржливо момче е“, изјави Адам Вајт, капетанот на рибарскиот брод, за локалната телевизија KTUU. Според извештајот на Крајбрежната стража, детето покажувало знаци на хипотермија откако бил качен на бродот, а екипажот го затоплил со ќебиња и шишиња со топла вода.
„Иако трепереше од студ, успеа да каже дека неговиот брат сè уште е под бродот“, раскажа Вајт. „Ноќта пред да пристигнеме, неговиот братучед едноставно се лизнал во морето“, додаде Вајт. Откако детето беше спасено, беа извлечени телата на неговиот брат и братучед.
The captain of a research and fishing vessel off Alaska's western coast recounts the rescue of a 15-year-old boy who was stranded on the top of his overturned vessel, having waited for days after an incident that left his brother and cousin dead. 👉 https://t.co/XNvVVy8NNy pic.twitter.com/RUfHiIuLvP
— Alaska's News Source (@AKNewsNow) September 10, 2026
