Билјана Муратовска од Транспортната асоцијација Макам-Транс во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 предупреди дека новиот систем за контрола на влез и излез од шенген зоната може сериозно да ги усложни условите за работа на македонските превозници.
„Најтешко е тоа што некогаш и за пет минути на граница, на транспортерите ќе им се води како цел ден,“ рече Муратовска, објаснувајќи дека системот ќе го пресметува престојот на возачите во денови, а не во часови — што е неповолно за оние што често ја минуваат границата повеќепати дневно.
Таа додаде дека според анализите од неодамнешната средба во Белград со претставници на шенгенските амбасади, доколку престојот би се вреднувал во часови, возачите би можеле да добијат дополнителни 15 дена флексибилност над тековните 90 дена дозволен престој.
„Возачите не престојуваат, тие извршуваат дејност – тоа е работа, не туризам,“ посочи Муратовска, потенцирајќи дека патниот транспорт неправедно е третиран посебно од страна на Европската Унија, за разлика од авионскиот, железничкиот и бродскиот превоз.
Муратовска предупреди и на сериозен недостиг на возачи, бидејќи голем дел од нив заминуваат во земјите на ЕУ каде што се нудат подобри услови и плати.
„Од 2015 до денес, околу 2.000 возачи заминаа во пензија, а анализите покажуваат дека до 2028 година недостигот би можел да достигне и 500.000 возачи во регионот,“ нагласи таа.
Како пример го наведе германскиот модел, кој постепено ги привлекува возачите од Балканот — прво со ветување за работни визи, потоа со олеснување на процедурите и конечно со можност за преселба на целото семејство.
„Кога еднаш ќе се пресели целото семејство, враќањето назад станува речиси невозможно,“ рече Муратовска, додавајќи дека истата пракса веќе ја следат и Белгија, Чешка и Словенија.
„Нашите превозници вложуваат средства за да обучат возачи, но по неколку месеци тие заминуваат во странство. Тоа е реалноста со која се соочува целиот регион,“ заклучи Муратовска.
