Муртезани за предлогот уставни измени со одложено дејство: Не се гледа со оптимизам во Брисел, но не се отфрла целосно

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани, вели дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно.

„Во неколку наврати јавно имав кажано дека тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно. Мислам дека ние треба да настојуваме на изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи и од нашите стратешки партнери. Ова не зависи многу од нив, туку зависи од нашата волја и ангажман за изнаоѓање решенија, изјави Муртезани.

На прашањето за најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се праќа писмо со идеи во ЕУ за решавање на ова прашање, Муртезани кажа дека овие најави на премиерот се всушност изнаоѓање нови решенија, кои, како што посочи, се во фаза на интерни разговори во Владата.

„Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план, не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна, затоа се работи интензивно на изнаоѓање решенија, и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму“, рече Муртезани.

Како што вели моментално не е разговарано за содржината или што точно ќе содржи.

„Ќе има уште неколку координации во Владата заедно со премиерот, и откако ќе биде тоа срочено во рамки на некоја стратегија, тогаш сигурно дека ќе биде испратено и споделено со јавноста. Во моментот нема содржина на такво евентуално писмо“, вели тој.

Прашан дали некоја идеја може да биде без уставни измени, тој вели дека уставните измени не се од Бугарија, туку од 27 земји-членки на ЕУ.

„Тоа е јасно наведено и во заклучоците на Советот. Ние се обидуваме да го заштитиме процесот. И премерот во неколку наврати и Владата имаат споменато дека не е спорно ништо да се носат уставните измени. Меѓутоа, ние сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде предмет на дополнителни блокади. Ние како коалиција Влен дадовме рок од шест месеци во кој што Владата мора да понуди решение за надминување на кризата. Уште сме во четвртиот месец, кога ќе стигнеме при крајот ќе видиме какви се можностите и што би направиле понатаму“, рече тој.