Муцунски го активира Амбасадорскиот совет: „Ни треба активна дипломатија која ќе ги штити националните интереси“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Преку нашата дипломатска и конзуларна мрежа ќе се врши засилено аргументирано претставување на нашите позиции и реформски резултати пред европските партнери. Ова го најави шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски кој повторно ќе го активира Советот на амбасадорите. Неговата прва средба ќе се одржи деновиве во Скопје, на која ќе учествува и вицепремиерот на Чешката Република Петар Мацинк, кој од утре е во официјална посета на земјава. Муцунски истакна дека е потребна активна дипломатија која во директна комуникација со државниот врв ќе работи во одбраната на нашите национални интереси, ќе биде отворена за потребите на нашата дијаспора, а ќе биде и економски промотор на нашата држава.

-Европската интеграција останува еден од нашите централни стратешки приоритети. Нашата дипломатска мрежа има задача јасно и аргументирано да ги претставува нашите позиции и реформски резултати пред европските партнери. Да бараме фер и предвидлив европски процес заснован на резултати, европски вредности и взаемна почит. Но современата дипломатија не завршува со политички дијалог. Еден од главните фокуси на годишниот совет ќе биде економската дипломатија, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Во однос на евроинтегративниот пат за кој пред извесно време беше речено дека се водат тајни разговори, Муцунски вели дека такво нешто не рекол, туку дека постојат контакти и дијалог со Бугарија и со европските институции во изнаоѓање на решение.

-Имаме дијалог со сите засегнати страни во овој процес. Ние, суштинската која што го водиме тој дијалог, со земјите членки на Европската унија, со институциите на Европската унија кои што се насочени кон изнаоѓање на решение во рамките на тие позиции кои што Владата ги има претставено пред јавноста. Штитејќи ги националните интереси, но секогаш разбирајќи дека е потребно и во наш интерес е да се најде некое одржливо и праведно решение, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Иако Муцунски негира дека се водат тајни разговори, неодамна евроамбасадот Михалис Рокас нарекувајќи ги „зад радарот“ рече дека постојат преговори далеку од јавноста во изнаоѓање решение за надминување на отворените прашања за европскиот пат на земјава.