За поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски има сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства, вели министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
Според него индициите укажуваат дека штетата е со шест цифри во евра. Спроведена била и внатрешна постапка во МНР. Се што имаат ќе го проследат до релевантните институции од правосудството.
„Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Бидејќи беше спомнат и терминот тужба…И другата страна ќе има право ќе има во една таква постапка да приложи свои аргументи и докази. Тоа што јас го видов е за одредени ноторни состојби, ноторни факти…“, изјави Муцунски.
Се обидовме да добиеме став и од другата страна, односно од екс амбасадорот Фрчковски, но безуспешно. На нашите СМС прашања не одговори.
Инаку, Фрчкоски писмено поднесе оставка до претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова во август 2024 година. На почетокот на јули бил повикан на консултации од страна министерот Тимчо Муцунски, поради наводи за финансиски нерегуларности во работењето. Меѓу неправилностите на амбасадорот наводното било и немање евиденција за парите кои ги добила Македонија од сукцесија на имотот на СФРЈ во Њујорк, поточно од продажбата на вилата на Тито, од која делот на Македонија е околу четири милиони долари. Фрчкоски, тогаш, во реакцијата објави и документи за уплата во буџетската сметка на Македонија на 3.960.000 долари, за што вели службите во МНР навремено ги имале на увид.
МНР, тогаш обвини и за неправилно купување авионски билети за потребите на амбасадорот и изрази сомнежи дали парите се трошени согласно правилникот на Министерството. На ова, тогаш беше одговорено дека забелешката била мизерна и срамна, бидејќи Фрчкоски имал итна медицинска интервенција во Македонија и бил на закопот на својот починат брат. Со оглед дека сето ова било ненадејно, бил приморан привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, а кои потоа ќе ги надоместел од приватни средства.