Нема гаранции дека доколку Македонија го исполни барањето за уставни измени Бугарија нема да не блокира на патот за членство во Европската унија. Ова е исходот од едночасовната средба меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова која се одржа на маргините на меѓународниот состанок за Коридорот 8 во Софија посветена на европската перспектива на Македонија. Муцунски, иако средбата ја нарече конструктивна, сепак истакна дека не е постигнат никаков напредок и дека и натаму останале со спротивставени ставови.
„Нашите позиции се апсолутно јасни дека стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат но ние сме земја која што низ годините постојано има билатерални барања и штом се затварало едно билатерално барање потоа се отворало ново. Значи таа недоверба постои, исто така сме цврсто определени на позициите дека прашања поврзани со јазик, со идентитет, со историја, со култура, не смеат да го оптоваруваат нашиот европски пат“, рече Тимчо Муцунски..
Бугарската министерка Петрова Чамова рече дека тие ја поддржуваат европската перспектива на Македонија и дека очекува да бидат исполнети обврските преземени од 2022 година, во кој се предвидени и уставните измени.
„Процесот на приклучување во Европската унија е јасно опишан преку критериуми кои државите членки врз основа на прифатените услови во преговарачката рамка одлучуваат. Ниту една земја членка не може да даде гаранции на ниту една друга држава кандидат за продолжување на процесот. Но она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност и тоа е јасно порачано од наша страна. Така што исполнувањето на обврските од 2022 година е најдиректниот и гарантиран пат кон европската перспектива на Република Северна Македонија“, вели Велислава Петрова Чамова.
На прашањето дали на средбата било отворено прашањето за посмртните останки на Цар Самуил, Петрова Чамова рече дека тоа не било тема на разговор со Муцунски. На средбата било разговарано и за случајот со Ива Михаилова на која и се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици, која пак бара лекување во Бугарија, при што било договорено медицински лица од Софија да дојдат во земјава да извршат прегледи.
