Околу 1 илјада нови случаи на рак на дојката биле дијагностицирани минатата година во Македонија. На Клиниката за радиотерапија и онкологија, во моментов околу 7 илјади пациенти се на активен третман. Од Клиниката велат дека во текот на минатата година биле воведени нови терапии, особено за пациентите со рак на дојката, додека е зголемен и бројот на пациенти кои примаат специфичен третман.
“Во однос на институционалната статистика, минатата година ја завршивме со 5.300 нови пациенти од разни локализации. Во принцип расте бројот, значи по 200 до 300 пациенти плус годишно новорегистрирани. А во однос на преваленцата, пациенти што барем еднаш се јавуваат на Клиниката во текот на една календарска година, зборуваме за број од речиси 20.000 на годишно ниво“, порача Игор Стојковски.
Стојковски рече дека се работи и на децентрализација на услугите. Дел од услугите веќе се обезбедуваат во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, додека целта е онколози од Скопје да бидат ангажирани и во Клиничката болница во Битола.
Во однос на децентрализацијата, Ана Марјановиќ од „Хема-Онко“ рече дека како здружение инсистирале процесот да се спроведе на начин на кој пациентите, пред сè, ќе имаат безбедна терапија и услови да ја примаат редовно, навреме и во достоинствена атмосфера.
„Не е поентата само да се прима терапијата, туку навистина да обезбедиме дека секој пациент што нема да биде на Клиниката за онкологија, да ја прима безбедно оваа терапија. Од една страна, како пациенти најмногу знаеме колкав е притисокот на Клиниката на онкологија и тоа е и поради фактот што имаат недостиг на персонал, кој се обидуваат да го надоместат, а од друга, поради големиот број експерти во однос на лекувањето, посебно за дојка“, вели Ана Марјановиќ.
Стојковски беше прашан и како ќе го решат проблемот со прекините во снабдувањето со терапија, на што тој рече дека можат да им упатат предупредување на дистрибутерите, бидејќи, како што рече, дистрибутерот ги знае последиците што ги предизвикуваат доцнењата во снабдувањето со терапија за пациентите.
