Муцунски: Веруваме дека во рамките на нашите предлози може да се најде решение за почеток на преговори со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека за продолжување на европската интеграција на земјава се потребни јасни гаранции и разграничување на суштинските реформи од билатералните прашања.

Во интервју за ТВ Сител, Муцунски посочи дека во однос на уставните измени и почетокот на преговорите со ЕУ, за Македонија се значајни две работи – гаранции дека преземените обврски ќе бидат одржливи, како и почитување на принципот на меѓународно-правен реципроцитет во делот на човековите права.

Тој посочи дека, доколку Бугарија бара внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, тогаш треба да ги почитува и пресудите на Европскиот суд за човекови права во однос на правата на Македонците во Бугарија.

Муцунски оцени дека актуелното решение што е на маса е неодржливо и може повторно да ја доведе земјава во ситуација на блокада по само неколку месеци.

„Нашата цел е да најдеме решение, но не решение што повторно ќе нè стави во истата позиција за неколку недели или месеци. Вакво решение е неприфатливо“, порача Муцунски.

Во однос на можниот нов модел за проширување на ЕУ, министерот рече дека во европските институции и земјите членки се разгледува концепт што би требало да го направи процесот попредвидлив и подобро прилагоден на актуелните услови.

За Македонија, како земја кандидат, според Муцунски, е клучно новиот модел да не претставува алтернатива на полноправното членство. Засилената соработка и придобивките за кандидатите, вели тој, треба да бидат паралелен процес, а крајната цел да остане членството во Унијата.

Муцунски ги отфрли и тврдењата дека се водат тајни разговори за деблокирање на европскиот процес.

„Тајни разговори или разговори под радарот – нема“, рече тој, додавајќи дека постојано разговара со колеги од земјите членки и претставници на европските институции, а истите теми ги отвораат и премиерот и претседателката на државата.

Како главна разлика во позициите на македонската страна, Муцунски го посочи барањето за јасно раздвојување на европските реформи од билатералните прашања. Според него, треба да престанат барањата поврзани со идентитетот, историјата, јазикот и културата на Македонија во рамки на процесот на евроинтеграција.

„Додека постои препреката од Бугарија и додека не покаже јасна желба да го поддржи нашиот европски пат преку европски вредности, имаме проблем кој останува нерешен“, нагласи Муцунски.

Говорејќи за денешните информации и ширењето тврдења за наводно бактериолошко загадување на водата во Скопје, Муцунски оцени дека станува збор за сериозен случај на ширење дезинформации и создавање паника кај граѓаните.

Тој рече дека, според неговите информации, Министерството за внатрешни работи повикало повеќе лица на информативен разговор во врска со ширењето на овие информации.

Муцунски оцени дека за ваквите постапки мора да има одговорност, бидејќи, како што рече, ширењето непроверени информации може да предизвика масовна паника и дополнително да ја наруши довербата на граѓаните во институциите.