Музејот на Мехмет Паша Дерала тапка во место – реконструкцијата започнала пред 6 години, сѐ уште не е завршена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Се наоѓаме во куќата на Халим Бег Дерала, најголемиот син на првиот воен министер, Мехмет Паша Дерала. Оваа куќа требаше да стане музеј на Мехмет Паша Дерала. Работите започнаа во 2015. Иако иницијативата беше преземена уште во 2009, сепак ден денеска оваа куќа е затворена за граѓаните“, истакна репортерот на ТВ21.

Врз основа на официјалните податоци добиени од Центарот за конзервација, елаборатот за реновирање на Куќата на Халим Дерала е подготвен во 2009. Во 2015 избрана е компанијата Ак Инвест која требало да ги изведува работите. Во текот на 2016 започнала реконструкцијата, но не продолжила.

„Од 2016 во оваа куќа се вршат градежни работи. Реновирање на кровот, зајакнување на структурата на ѕидните плочи и катната структура, завршување на површините на ѕидовите, подот и таванот од внатрешната страна. Изработката на основата на фасадата, рехабилитацијата на скалите од камен, пиедесталите и гелендерите на скалите. Заштитниот тротоар со ширина од 60цм, поплочен со камени плочи“, велат од Националниот центар за конзервација.

Но од Националниот центар за конзервација велат дека сега за сега останати се уште неколку работи, како инсталацијата за вода, за електрична енергија и вентилацијата кои ќе треба да се инсталираат според музејските стандарди. Работите се во тек и во 2021 и реализацијата на овие работи е предвидена и со програмата на Центарот за конзервација.

Кој бил Халим Дерала?

Халим Дерала бил најстариот син на Мехмет Паша Дерала,  генерал на османлиската војска кој се откажал од чинот за да им се придружи на патриотите за основање албанска држава. Во 1912 е избран за воен министер во владата на Исмаил Ќемал. Неговиот татко, Хасан Дерала бил делегат на Тетово во Призренската Лига во 1878.

Куќата на Халим Бег има посебна приказна, како според стилот на архитектурата така и според историското значење, која зборува за времето кога Халим Бег бил пратеник од Тетово во Парламентот во Белград. Таму бил пречекан и Ахмет Зогу пред неговото враќање во Албанија во 1925. Со воспоставувањето на монархија во Албанија во 1928, Халим Бег Дерала ја затворил куќата и се преселил во Тирана. Тоа се случило поради трите неуспешни обиди за атентат врз Халим, со што следува покана од кралот Зогу за Халим Бег и неговото семејство да се преселат во Тирана. По извесно време, Халим Бег починал во Тирана во 1932. Оваа куќа долго време служела како болница во Тетово. Многу пати беше ветено дека објектот ќе стане музеј за семејството Дерала, а особено за Мехмет Паша Дерала, но до ден денеска оваа куќа со богата историја за идните поколенија, чека да заживеат ветувањата дадени на писмено во политичката програма на секој изборен циклус.