МВР на SAHA Expo 2026 во Истанбул – средба со заменик директорот на турската полиција Мустафа Чалишкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од помошник министерот за односи со јавност Мухамед Исмаиљи, учествува на меѓународниот саем и конференција SAHA Expo 2026, што се одржува во Истанбул од 5 до 9 мај.

Во рамки на посетата, делегацијата оствари работна средба со заменик директорот на турската полиција, Мустафа Чалишкан. На средбата беше потврдена силната и континуирана соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и турската полиција, заснована на заемна доверба и партнерство.

Особен акцент беше ставен на заедничките напори во борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти и справувањето со современите безбедносни предизвици. Соговорниците се согласија дека преку засилена оперативна координација, размена на информации и заеднички активности ќе продолжат да придонесуваат кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност.

На средбата беше разговарано и за тековните билатерални активности меѓу двете земји, при што беше потенциран напредокот во усогласувањето на Договорот за заемно признавање и размена на возачки дозволи, како и подготовките за склучување на Договор за безбедносна соработка. Дополнително, беше истакната важноста од унапредување на соработката во делот на обуката и едукацијата, преку предложениот Меморандум за разбирање меѓу турската Национална полициска академија и Центарот за обука на полиција.

„Учеството на SAHA Expo 2026 претставува значајна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размена на искуства во областа на безбедноста, одбранбената индустрија и современите технолошки решенија, со цел унапредување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи“, стои во објавата на МВР.