Министерството за внатрешни работи денеска на својата веб страница објави потерница по поранешниот адвокат Александар Ристески поради „истрага за сторено кривично дело по чл. 292 ст.1, а во врска со чл.288 ст.3 в.в. ст.1 од Кривичен законик.“
Тој е осомничен дека го предизвикал пожарот во Адвокатската комора на Македонија на 25 ноември.
Неколку недели пред пожарот комората донела дисциплинска мерка за одземање на неговата лиценца на три години.
Обвинителството вчера отвори истрага, а причинетата штета од пожарот се проценува на околу 150 илјади евра. На критичното утро, според обвинителството, осомничениот со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со “фантомка”, со секира ја скршил влезната врата. Наредил коцки керозин на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил.
Осомничениот триесетина минути после пожарот ја напуштил државата на граничниот премин Блаце. Тој се товари за тешки дела против општата сигурност.