Возачите во земјава би можеле да се соочат со контроли на брзината и кога полициските возила се во движење, а не само на локациите каде што се поставени фиксни камери. Министерството за внатрешни работи планира да ги опреми полициските автомобили со уреди за детектирање сообраќајни прекршоци, како дел од пошироките мерки за зголемување на безбедноста на патиштата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека покрај камерите во полициските возила, ќе се набавуваат и мобилни уреди кои ќе бидат поставувани на критичните сообраќајни точки.
Според анализите на МВР, контролата само на однапред определени локации не е доволна за да се постигне посакуваниот превентивен ефект. Намерата е возачите да знаат дека можат да бидат регистрирани при прекршување на сообраќајните правила на која било делница.
Експертите предложиле постојните полициски возила да се опремат со камери што ќе можат да ја мерат брзината додека автомобилите се движат. Дополнително, мобилните камери ќе се користат на таканаречените црни точки, односно локациите на кои се случуваат најголем број тешки сообраќајни несреќи со загинати и повредени лица.
Тошковски најави и утврдување на сите ризични сообраќајни точки во државата, вклучително и во градските средини, на магистралните и на експресните патишта.
Осврнувајќи се на критиките за проектот „Безбеден град“, министерот посочи дека во изминатите 15 години повеќе од 2.000 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи во земјава.
Тој нагласи дека подобрувањето на сообраќајната безбедност нема да се сведе само на поставување камери, туку ќе опфати и други активности и мерки за намалување на бројот на несреќи.
