Трагично заврши потрагата по три лица од Косово кои беа пријавени за исчезнати откако заминале од Меѓународниот аеродром Скопје. Тие биле пронајдени починати во превртено возило на автопатот Граничен премин Блаце–Скопје, делница која е затворена за сообраќај и е во изградба.
Во Полициската станица Бит Пазар на 19 јули во 13:40 часот, М.Ш. (56) од Косово пријавил дека не може да стапи во контакт со неговата сопруга Ф.Ш.Т., нејзиниот брат У.Т. и неговата сопруга Џ.К.
Според пријавата, тројцата на 18 јули во 22:15 часот заминале со возило од скопскиот аеродром, по што им се изгубила трагата.
По пријавата, полициски екипи од СВР Скопје, од ЕВР Чаир, Центар и Единицата за интервентна полиција започнале потрага. Била проверувана трасата на движење преку камерите од системот „Безбеден град“, а бил подигнат и дрон за пребарување на теренот, откако било утврдено дека возилото не ја напуштило државата преку граничниот премин Блаце.
Подоцна истиот ден, во 22:35 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот ГП Блаце–Скопје, кој е затворен за сообраќај, патничко возило „мерцедес“ со германски национални ознаки излетало од патот и се превртело.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот У.Т. (64) од Косово, со живеалиште во Германија, како и сопатничките Ф.Ш.Т. (56) од Косово и Џ.К. (54) од Турција, двете со живеалиште во Германија.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Скопје. По наредба на обвинител, телата на починатите се предадени на обдукција.
