Министерството за здравство информираше дека од утре, во мобуларната болница на КИБФС во Скопје, ќе стартува вакцинацијата против Ковид-19. Најпрво ќе бидат вакцинирани здравствените работници од Инфективната клиника, со донираните вакцини од Србија.
„Ве известуваме дека на 17.02.2021 година (среда), во модуларната болница на КИБФС во Скопје, ќе започне вакцинација на здравствените работници кои работат во ковид центрите.
Министерството за здравство заради запазување на здравствените протоколи, но и непречена работа на вакциналните тимови, а во интерес на транспарентно и подеднакво третирање на сите медиуми, од чинот на вакцинирање на првите двајца медицински работници ќе обезбеди фото и видео инсерти и истите ќе ги дистрибуира до сите медиуми. Дополнително по официјалниот дел (изјави за медиумите) на снимателите и фотографите ќе им биде овозможено снимање и фотографирање од процесот на вакцинација со влегување во објектот во помали групи до 3 камери или фотографи од погоренаведените причини.“, соопштија од Министерството за здравство.
Како што најавија властите, поголема доза на вакцини се очекува кон крајот на месецов, со што ќе бидат вакцинирани најпрво останатите медицински работници кои работат со ковид пациенти.
