На Барселона, Реал и Јувентус им се заканува забрана за настап во ЛШ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шпанските фудбалски гиганти Реал Мадрид и Барселона, како и најтрофејниот италијански клуб Јувентус се соочуваат со можна забрана за настап во Лигата на шампиони (ЛШ), откако трите екипи основачи на пропадната Супер лига одбија да потпишат „договор за реинтеграција“ со Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).

Постапката против трите екипи ќе ги водат дисциплинските тека на УЕФА, кои ќе донесат одлука за евентуални санкции.

Паралелно со ова, УЕФА соопшти дека нема да поведе каква и да е постапка против останатите девет клубови, кои првично застанаа за новиот проект што остро го осуди фудбалскиот свет.

Европската Супер лига беше формирана на 18 април од страна на 12 екипи, но само два дена подоцна од натпреварувањето се повлекоа англиските тимови Манчестер Сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Челзи, Ливерпул и Тотенхем.

„Договорот за реинтеграција“ го потпишаа и Интер, Атлетико Мадрид и Милан.

Деветте екипи заедно ќе треба да издвојат 15 милиони евра во развојните и солидарните фондови на УЕФА, а ќе мораат да се откажат и од пет отсто од заработката врз основа на учествата во еврокуповите.

Клубовите, исто така, се согласија да платат казни во износ од 100 милиони евра доколку повторно се обидат да играат во натпреварувања надвор од организација на УЕФА или со 50 милиони евра доколку прекршат кои било други обврски преземени кон УЕФА.

– Овие клубови брзо ги препознаа своите грешки и презедоа мерки да ја покажат својата наивност и посветеноста во иднина кон европскиот фудбал. Истото не може да се каже за клубовите кои останаа вклучени во таканаречената Супер лига, а УЕФА дополнително ќе се позанимава со нив, изјави претседателот на УЕФА Александар Чеферин.