Ако не сте вакцинирани и бевте во дилема дали ќе можете да гласате на локалните избори, имате „зелено светло“ од министерот, Комисијата за заразни болести, а истото го потврдија и од ДИК, се разбира со почитување на останатите протоколи. Сертификат за примени две дози вакцина, како за на многу други места нема да ви биде потребен.
„Сертификатите за вакцинација не се предуслов за влез на гласачките места, она што како здравствен протокол сите гласачи ќе треба да го почитуваат е носење заштитна маска преку устата и носот, како и дезинфекција на рацете при влез на самите избирачки места“, истакна Љупка Гугучевска Филипоска.
За почитувањето на мерките ќе се грижат самите избирчки одбори, односно еден од нив кој ќе биде најблиску до гласачкото место. Протоколите треба да ги почитуваат и самите тие, како и набљудувачите.
„Согласно упатството кое е во процес на усвојување од ДИК, нема да му се дозволи влез на лице кое нема да носи маска, така што на овој начин се обезбедува некоја сигурност во однос на почитувањето на безбедносните протоколи“, додаде Љупка Гугучевска Филипоска.
Ова го потврдија од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.
„Во однос на изборниот ден, има протоколи, огромен процент од сите тие кои се вклучени во целокупниот процес се вакцинирани. Но, и за врем на претходните избори тогаш вакцина немаше, запазувајќи ги сите протоколи за спроведување на настани на затворено, а тоа е кокав е бројот на присутни граѓани на едно место. држењето дистанца, чекањето надвор, немаше некој случај на пренос на вирусот“, вели Венко Филипче.
Со последните измени на изборниот закононик од 15-ти септември, Министерството за здравство е должно да обезбеди заштитни маски и заштитна опрема за членовите на избирачките органи, како и средства за дезинфекција за сите избирачки места.
