На Мијалков му застаруваат кривичните дела, Агим Ислами и 15-ти Рамазан го поминува зад решетки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кон крајот на оваа недела ќе му застари кривичното дело за учество во изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“. За овој случај Мијалков нема да одлежи ниту еден ден затвор, иако од Кривичниот суд по втор пат доби 2 години затвор.

Изгледа Мијалков ги предвидел овие настани во 2018 година.

И во случајот „Тортура“ за нехуманото апсење на Лубе Бошковски, Мијалков беше ослободен од обвинението од Кривичниот суд, одлука која во февруари ја потврди и Апелација. Во соопштението на овој суд беше наведено дека првостепената пресуда е јасна, разбирлива и не содржи прекршување на одредбите на Законот за кривична постапка.

Од вкупно 4 предмети на поранешното Специјално обвинителство во кои е обвинет Мијалков, од првите два се спаси, а во другите два во „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ му се суди по втор пат. Ова откако Апелација ги поништи двете пресуди со највисоки казни што ги имаше Мијалков, едната од 12 години, а другата со 8 години затвор. На Апелација овој пат не и беше јасна ниту пресудата ниту дејствијата што ги направил Мијалков.

Мијалков беше обвинет за 3 дела за масовно прислушување на околу 20 илјади граѓани, а последното дело „ примање награда за противзаконито влијание “ застари.

Додека Мијалков, се спасува од сите кривичните дела, Агим Ислами, осудениот за случајот „Алфа“ 2 години чека одлука за повторно судење, а 15 години е зад решетки.

„Чекајќи ифтар во оваа проколнато место!
Господ да ви го прифати постот на сите Иншалах! 15 Рамазан, истиот прозор, истото место!“, вели Агим Ислами.

Во меѓувреме, единствен случај за кој Мијалков издржува затворска казна во струшкиот затвор е случајот „Империја“. Во договор со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Мијалков ја призна вината и беше осуден на 3 години затвор и конфискација на имот во вредност од 30 милиони евра.