„На потег е Собранието“ – Ивановска очекува оставка од осомничената антикорупционерка Димитровска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешната претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска го оцени настанот со нејзината наследничка на позицијата, Татјана Димитровска како тежок удар за општеството и институцијата. Новата претседателка на Комисијата се сомничи за оддавање службена тајна за предметот „Адитив“.

Сега, според Ивановска, на потег е Собранието кое ја избрало Димитровска за антикорупционер, но и самата Комисија, која треба да направи проценки за ризик од корупција.

„Не треба да се седи со скрстени раце. Прво и основно е дека мора претседателката најитно треба да си подаде оставка, бидејќи на овој начин се уште ја инфицира институцијата. Таа треба да се тргне за да може институцијата сама да се чисти.“, вели Билјана Ивановска.

Поранешниот антикорупционер Владо Георгиев смета дека случајот со Димитровска влијае на имиџот и угледот на Комисијата во јавноста. Според него, Комисијата во моментов е на раб да ја изгуби довербата и очекува ова да влијае и на бројот на поднесени пријави од страна на граѓаните. Сепак, Георгиев вели дека одговорноста е индивидуална.

„Доколку останатите членови успеат да се соземат од овој шок, може Комисијата да продолжи со работа, со тоа што да видиме што ќе се случува со претседателката. Дали таа ќе поднесе оставка, дали Собранието можеби по сопствена иницијатива ќе побара оставка од претседателката.“, вели Владо Георгиев.

Димитровска заврши со одземен пасош и забрана за вршење на функцијата, зашто се сомничи дека спротивно на законите му оддавала податоци на осомничен во случајот „Адитив“ за набавка на мазут. Веднаш потоа од Комисијата соопштија дека ќе продолжат редовно да функционираат и ќе соработуваат со надлежните органи.