ВИДЕО На продажба објектите во некогашната фабрика „Купром“ во скопски Хром, дали се на повидок нови згради?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На продажба објектите во некогашната фабрика „Купром“ во скопски Хром, дали се на повидок нови згради

На јавно наддавање ќе се продава некогашната фабрика „Купром“ во скопската населба Хром. Јавното наддавање ќе се одржи на 29 март, а на продажба се ставени пет објекти на фабриката кои сега се напуштени и запуштени, искршени и затрупани со ѓубре.

Објектите се ставени на продажба по стечајна постапка и се со вкупна површина од 3.200 метри квадратни, а проценети се дека вредат околу  2,3 милиони евра. Продажбата на имотот ќе се врши електронски по пат на јавно надавање без утврдена почетна цена односно почетната цена е 0 денари.

Во првиот пакет на „Купрум“ Скопје во стечај ставена на продажба е административна зграда од 548 метри квадратни со проценета вредност од 15, 342.466 денари или 250.000 евра, како и деловна зграда во која производствен магацин, хали и стоваришта. Површината на вториот објект е 1.832 метри квадратни, а проценетата вредност 54.289.740 денари или околу 880.000 евра.

Во вториот пакет на „Купрум“ Скопје во стечај се продава деловна зграда со производни магацини, хали и стоваришта со површина од 515 метри квадратни која се проценува дека вреди околу 200.000 евра.

Третата продажба е на два објекти на стечајниот должник СОП ДОНЕВ ДООЕЛ експорт-импорт. Се продаваат две згради, едната со површина од 620 метри квадратни и проценета вредност од 16.762.009 денари или 270 евра и втората со површина од 1.618 метри квадратни и вредност од околу 750.000 евра.

Земјиштето на кое се наоѓаат сите објекти е во сопственост на државата и тоа не е предмет на продажба.                                                                                     

Што ќе се гради на нивно место уште не се знае бидејќи Деталниот урбанистички план C324 за овој дел од населба Хром не е донесен. Според одредбите на Генералниот урбанистички план 2012-2022 донесен во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски за овој дел се предвидува намена домување. Новиот ГУП уште не е донесен иако се поминати две години откако е истечена важноста на стариот.

Пред три години Здружение на граѓани „Културно ехо“ покрена иницијатива за промена на ГУП и наместо домување просторот на фабриката да стане студентски град. Иницијативата насловена „Од напуштена фабрика до Студентски град“ беше поддржана и потпишана од тогашниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски, а беше доставена до Советот на Град Скопје и тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов.

„Иницијативата е предлог за промена од постоечката предвидена намена А (домување) согласно ГУП на Град Скопје 2012-2022 за оваа локација, во основна намена В (јавни дејности и институции); со што се надеваме дека ќе се создадат институционални и општествено-политички услови за ревитализација, деконтаминирање и пренамена на овој простор во интерес на младите. Овој процес ќе придонесе кон почитување на темелните вредности на Уставот, и конечно по две децении се надеваме дека ќе се создадат услови за хуманизација на просторот во рамки на парцелата каде се наоѓа индустрискиот комплекс „Купрум“. Со површина од 22 000 метри квадратни, а изграденост на парцелата од само 3 300 метри квадратни, преку ревитализација на овој простор, меѓу другото, Општина Ѓорче Петров, но и град Скопје се здобиваат со можност за значително дополнително урбано зеленило бидејќи остануваат 18. 000 метри квадратни неизградена површина. Урбаното зеленило е клучен механизам за борба против климатските промени. Ова е иницијатива која се спротивставува на забрзаното и непланско градење“, стои во иницијативата на „Културно ехо“ која е доставено до Град Скопје во март 2021 година.

Неколку месеци подоцна на градоначалничката функција дојде Данела Арсовска и носењето на новиот ГУП е закочено, ниту пак има информации од Градот до каде е процесот, што се плановите за Скопје, како и дали иницијативата за „Купром“ е  прифатена.