Преку Вибер група со која раководеле лица од ВМРО-ДПМНЕ се договарале протестите и на 27-ми април кога толпата упадна во Собранието. Во судскиот предмет за организаторите на настаните, сведочеше Антонио Кочков кој бил присутен на голем дел од протестите.
„Имавме Вибер група преку која се договараа протестите. Не знам како личности кој даваше инструкции. На 27-ми бев присутен на протестите, влегов во Собрание во салата каде што се одржуваа седниците, а откако ме видоа луѓекои кои требаше да ме видат, бидејќи влегувањето беше како благодарност за тоа што партијата ме вработи, јас сакав да си одам, но не знаев од каде да излезам, па се најдов во салата каде што ги тепаа пратениците“, истакна Антониот Кочков.
Кочков потенцираше дека секогаш се апелирало протестите да бидат мирни, но на дополнително прашање од судечкиот совет рече дека не може каже дали ВМРО-ДПМНЕ ги организирала или пак само поддржувала протестите.
Во судница се појави и претседателот на Владата, Оливер Спасовски кој рече дека неколкупати на конститутивната седница барал преминување на друга точка од дневниот ред – избор на претседател на законодавниот дом, за што имал поддршка и од мнозинството, но тоа не го дозволил тогашнито спикер, Трајко Вељаноски.
„Кажав пред судот се што имав да кажам, во однос на прашањата, иницијативите, на се она што имав деловничка можност да го побарам од претседавачот на Собранието. Така што, судот треба да ги цени тие докази“, посочи Оливер Спасовски.
Спасовски при сведочењето рече дека на координацијата немало согласност од останатите претставници на политичките партии за да се премине на точка избор на нов претседател на Собранието.
„Уште по битна е состојбата со огледн на тоа што е пратеник од 2006 година, од тогаш никогаш не била прекината точка во момент кога има пријавени пратеници за збор, да се премини на следна точка. Она постапување на Трајко Вељаноски е сосема деловнички и правилно постапувал“, вели Еленко Миланов.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.
