Муслиманските верници в петок го празнуваат Курбан Бајрам. Се препорачува утринската молитва да се извршува дома, но никому не му е забрането да оди во џамија, вели скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили. Верниците можат да одат во џамија, но да не престојуваат долго. Се препорачува да отидат 10 минути пред почетокот на молитвата.
„Да не му се негира правото на никој кој има желба да оди во џамија и да се моли. Меѓутоа, верниците се поканети да дојдат на намаз молитва за Курбан Бајрам согласно препораките. Во 06:06 почнува предавањето кое ќе биде скратено, а со него ќе ја завршиме и намаз молитвата за Бајрам“, истакна Ќенан Еф. Исмаили.
Исмаили препорачува максимално да се користат дворовите на џамиите.
„По можност максимално да се користат надворешните делови на џамијата. Секако, доколку се принудени да се молат во џамијата, тогаш треба да се сместат на места на кои ќе можат да држат социјална дистанца“, посочи Ќенан Еф. Исмаили.
Според Исламската верска заедница, извршена е дезинфекција на сите џамии во земјата и се обележани места за верниците. Исмаили вели дека добиле информации дека се појавила болест кај овците, па затоа ги повикува граѓаните да бидат крајно внимателни при купување на курбанот.
„Според надлежните институции, добивме дописи дека кај овците се појавила болест. Ние на минатата петочна молитва, преку џамиите апелиравме до граѓаните да бидат внимателни“, додава Ќенан Еф. Исмаили.
Доколку одлучите бајрамската молитва да ја обавувате во џамија, тогаш со себе мора да носите свое сеџаде (простирка за намаз) и маска, треба да држите физичка дистанца и да вршите дезинфекција на рацете. Од ИВЗ апелираат верниците да не се ракуваат, туку да се поздравуваат од далеку.
