На средбата Бегај- Курти главна тема преговорите меѓу Косово и Србија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Последните случувања во преговорите меѓу Косово и Србија беа главна тема на разговор на денешната средба на албанскиот претседател
Бајрам Бегај и косовскиот премиер Албин Курти, објави Бегај на Фејсбук.

Како што стои во објавата тој високо ја оценил внимателноста и храброста што ја покажале премиерот Курти и преговарачкиот тим на Република Косово за прифаќање на европскиот план, како и за негово потпишување и спроведување.

– Нагласив дека јавната согласност и посветеноста на страните за спроведување на европскиот план за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија и соодветниот анекс, како негов составен дел, е уште една  гаранција за мирот, стабилноста, како и иднината на земјите од регионот во Европската Унија, наведува Бегај.

Исто така, посочува тој,  изразил уверување дека целосно ќе се почитува заложбата искажана од  страните во Охрид и “ќе се изнајдат соодветни механизми овој јавен договор да се претвори во меѓународно  обврзувачки и применлив договор за страните”.

За време на престојот во Тирана Курти ќе се сретне и со претседателката на парламентот Линдита Никола и со премиерот Еди Рама со кого е планиран работен ручек.