Наставникот по англиски јазик кој тепаше ученик во ОУ Панајот Гиновски денеска не отишол на работа. Него ќе го заменува друг наставник. Тој не е отпуштен од работа но сега за сега нема да држи настава, додека се чека да се види какви мерки ќе преземе дисциплинската комисија на училиштето. Ова го соопшти директорката на училиштето, Ќамуране Реџа.
„Јас како директорка не можам сама да донесам одлука за да го отпуштам од работа. Формирав дисциплинска комисија со наставници од училиштето, синдикатот и советот на родители. Тие ќе дадат свое мислење и потоа ќе се одлучи за отпуштање од работа од училиштето“, истакна Ќумране Реџа.
Директорката соопшти дека до сега немало жалби против наставникот кој над 13 години предава во ова училиште. А за тоа како влијае насилството врз учениците во училиштата, го прашавме социологот Али Пајазити.
„Ваквата појава што се случувала во училиштата говори за ниско педагошко ниво на наставниците. Ова илустрира едукативна криза која владее во нашето образование. Ова има свои последици како што се психолошките и социјалните. Кај децата предизвикува заладување кон наставниот процес. Насилството нормално предизвикува дистанцирање од училиштето, од целиот персонал кој држи настава во таа институција. Шамарите, тупаниците, стапот и сите други физички мерки за дисциплинирање на децата не се легитимни и не се решение во една училишна средина“, посочи Али Пајазити.
Од МВР велат дека се остварени разговори со лицата поврзани со случајот и дека се чека ЈО да достави соодветна претставка до надлежното обвинителство.
„Во врска со случајот во училиштето Панајот Гиновски ве известуваме дека по добивање на пријавата преземени се неопходните мерки и активности за расчистување на случајот, разговарано е со лицата поврзани со случајот и по упатство на јавен обвинител ќе се достави соодветна претставка до надлежното обвинителство“, велат од МВР.
Социолозите апелираат дека таму каде што се врши едукација на децата, значи во училиштата, не смее да владее насилството. Инаку пред неколку дена видео објавено на социјалната мрежа Тик Ток ја потресе јавноста бидејќи на него се гледа како наставник брутално тепа ученик на час и во присуство на други ученици.
