Дочекавме во 21 век на талибански начин да се брише македонскиот идентитет и јазик. Ова беше коментарот на премиерот Христијан Мицкоски откако европратениците на Бугарија објавија дека е постигнат договор со трите најголеми европски партии за тоа македонскиот јазик и идентитет воопшто да не се споменува во Извештајот на Томас Вајц за Македонија што идната недела треба да се усвои на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
Сепак Мицкоски додава дека успех е тоа што барем македонскиот идентитет и јазик поминаа на Комитетот за надворешни работи.

„За нас е подеднакво лошо и тоа што се брише од Извештајот македонски идентитет и македонски јазик исто како и да стоеше модерен, буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворешни работи и македонски јазик и македонски идентитет ќе остане во колективната меморија дека за прв пат некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик во главниот град на Европската унија Брисел“, порача Христијан Мицкоски.
Веста за измените во Извештајот ја објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во кој напиша дека Европскиот парламент е на чекор пред отстранувањето на македонскиот идентитет и јазик од Извештајот за Македонија. Според него веќе е постигнат договор меѓу трите најголеми политички сили во Европскиот парламент и дека очекува мнозинството да го прифати амандманот. Темите за идентитетот и јазикот немаат место во Извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ, наведе Ковачев.

„На барање на групата на Европската народна партија, трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, С&Д (социјалистите) и Обнова (либералите), синоќа се согласија да ги отстранат сите референци за македонскиот идентитет и македонски јазик од нацрт Извештајот за напредокот на Северна Македонија. Очекувам дека овој амандман ќе биде поддржан од мнозинството во Европскиот парламент следната недела на пленарна седница“, вели Андреј Ковачев.
Извештајот за напредокот на земјава се очекува да биде ставен на гласање на пленарното заседание на Европскиот парламент најдоцна до 10 овој месец. Претходно овој Извештај помина на Комитетот за надворешни работи АФЕТ.
