Над 1.700 бомби извадени од земја во Битола – се очекува откривање на уште 1.000

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вистински арсенал од Првата светска војна е откриен во непосредна близина на населени места во Битола. Над 1.700 рачни бомби и тромблонски мини се извадени од земја во реонот под Тумбе Кафе, на само околу 200 метри воздушна линија од најблиските куќи.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека станува збор за огромна количина неексплодирани убојни средства, кои претставуваат сериозна закана за безбедноста на граѓаните.

Акцијата за ископување и отстранување продолжува, а според проценките, под земја се наоѓаат уште најмалку илјада бомби, како и други видови експлозивни средства од Првата светска војна.

Ангелов предупреди дека староста и корозијата не ги прават овие бомби помалку опасни. Напротив, и по повеќе од еден век, тие можат да бидат смртоносни.

„Иако навидум изгледаат стари и ‘рѓосани, овие бомби и гранати се исклучително убиствени. Можат да се активираат при пад, удар од земја или бетон, а особено доколку бидат зафатени од оган“, предупреди Ангелов.

Тој упати апел до граѓаните доколку забележат сомнителен предмет што наликува на бомба, граната или проектил, веднаш да пријават на бројот 112, без да го допираат или поместуваат.