По интензивната сезона на гаснење пожари, пилотот на „Ер трактор“, Васко Михалчев, денеска го завршува својот ангажман во Дирекцијата за заштита и спасување.
Михалчев, кој важи за едно од познатите имиња во македонската авијација и спортското летање, оваа сезона реализирал над 160 часа летање. Според него, и неговите колеги забележале над 130 часа летање.
Тој истакна дека со само три авиони и тројца пилоти, тимот успеал да се справи со исклучително напорна сезона и максимално да ги искористи расположливите капацитети.
Од Дирекцијата за заштита и спасување го оцениле ангажманот на пилотите и сезоната ја оцениле како една од најуспешните во справувањето со пожарите, и покрај ограничените ресурси.
На последниот ден од ангажманот, Михалчев го реализирал и својот последен лет со „Ер трактор“. Дирекцијата му се заблагодарила за придонесот, оставајќи ја отворена можноста за негово евентуално враќање во иднина.
Михалчев, пак, истакнал дека резултатите од сезоната не се индивидуална заслуга, туку заслуга на целиот тим од пилоти, механичари и персоналот кој се грижел за функционирањето на авионите.
Договорите за ангажман на пензионираните пилоти, меѓу кои и Васко Михалчев, во минатото биле привремено продолжувани поради недостигот од нови пилоти.
Во меѓувреме, Дирекцијата за заштита и спасување соопштила дека се прават напори за обезбедување нов кадар преку ангажирање и обука на нови пилоти за авионите „Ер трактор“.
