Над 27 илјади барања за електронски услуги поднеле граѓаните и компаниите преку националниот портал uslugi.gov.mk во текот на септември, со што минатиот месец е забележана рекордна употреба на платформата.
Во септември биле поднесени вкупно 27.345 барања, што го прави месецот најуспешен во досегашното работење на порталот, доколку не се земе предвид услугата за ИКТ ваучерите преку која биле опфатени повеќе од 50 илјади студенти.
Со септемврискиот резултат, вкупниот број на барања поднесени преку Националниот портал за електронски услуги достигна 405.881.
Од Министерството за дигитална трансформација посочуваат дека зголеменото користење се должи на проширувањето на бројот на достапни електронски услуги, поедноставувањето на постапките и соработката со институциите кои ги дигитализираат своите услуги.
Како пример се посочува соработката со Државниот завод за статистика, со кој во изминатиот период биле дигитализирани повеќе услуги, вклучително и услуги наменети за студентите и академската заедница.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека бројките покажуваат оти граѓаните сè повеќе ги користат електронските услуги кога постапките се едноставни и достапни онлајн.
„27.345 барања за само еден месец е најдобриот резултат од постоењето на порталот. Уште поважно е што вкупно ја надминавме бројката од 400.000 барања. Ова покажува дека кога услугата е едноставна, достапна и целосно електронска, граѓаните ја користат“, истакна Андоновски.
Министерството најавува продолжување на дигитализацијата на нови услуги, нивно поврзување преку Платформата за интероперабилност и дополнително поедноставување на корисничкото искуство.
Фокусот, како што е наведено, ќе биде ставен на услугите кои најчесто ги користат граѓаните и компаниите, со цел да се намалат времето и административните трошоци потребни за нивно завршување.
