Поради новите рестриктивни мерки, но и стравот од коронавирус, вакциналните пунктови и понатаму „вријат“. Граѓаните чекаат со часови за да се вакцинираат. За да ја избегне гужвата на пунктот за вакцинација во Чаир, Демир Алиу заедно со својата сопруга дојде да се имунизира во Поликлиниката „Букурешт“ во Карпош.
ТВ21: Зошто одлучивте да се вакцинирате?
„Најмногу заради здравјето, но и поради рестрикциите. Да со Фајзер ќе се вакцинирам, тука забележав. Јас често патувам во Европа и оваа вакцина е позната како „европска“, посочи Демир Алиу.
Ред чекаа и доста млади кои одлучиле да ја примат вакцината.
На овој вакцинален пункт граѓаните беа поделени во две колони. Во едната чекаа оние кои дојдоа за првата доза, а во другата за ревакцинација.
Од Министерството за здравство информираат дека има значителен пораст на заинтересирани граѓани. Досега се вакцинирале 571.392 граѓани, а 462.192 ја примиле втората доза, што претставува збир од вкупно 1.033.584 аплицирани дози. Од нив, 4.025 се деца на возраст од 12 до 18 години кои се имунизирале со „Фајзер“
„Вакцини има во доволен број. Вкупно 200.000 наменети за прва доза од производителите „Синовак“, „Астра Зенека“ и „Фајзер“. Сите со важечки рок и нема вакцини со поминат рок на траење. Вакцинирани се вкупно 4.025 деца од 12 до 18 годишна возраст“, велат од МЗ.
- 12 години – 52 вакцинирани
- 13 години – 131 вакцинирани
- 14 години – 133 вакцинирани
- 15 години – 291 вакцинирани
- 16 години – 534 вакцинирани
- 17 години – 1081 вакцинирани
- 18 години – 1803 вакцинирани
Податоците на Министерството за здравство велат дека најмалку една доза од вакцината примиле 67% од населението над 70-годишна возраст, 64% над 65 години, 60% над 60-годишна возраст и 50% од населението над 50-годишна возраст.
