Надминат децениски проблем, Македонија и Косово директно ќе тргуваат со електрична енергија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директно тргување со електрична енергија меѓу Македонија и Косово. Двата преносни оператори, МЕПСО И КОССТ, склучија договор за организирање на аукции за закуп на расположливи преносни капацитети. Оперативниот договор склучен меѓу првите луѓе на компаниите, ќе овозможи да биде реализирана првата дневна аукција за закуп на расположливи преносни капацитети во двата правци на 400 киловолтниот далекувод, со кој двете земји се поврзани. Ова е чекор напред за создавање на регионален пазар на електрична енергија рече новиот директор на МЕПСО.

„Трговците сега ќе можат слободно да тргуваат меѓу двете земји, тоа би имало и економски придобивки. Пред овој договор, Косово беше контролна област на Србија.“, рече Куштрим Рамадани од МЕПСО.

Директорот на КОССТ Мустафа Хасани изрази задоволство од надминување на досегашниот проблем.

„Електроенергетскиот систем за Косово е многу значаен и операторот на системот се осамостојува. Во тој контекст трговците можат да понудат електрична енергија за Косово преку овие алтернативни патишта и со овој договор што се потпиша за линија од 400 киловолти во двата правци, Република Северна Македонија и Република Косово. Имаме можност да бидеме рамноправни партнери со другите оператори во регионот и Европа.“, рече Хасани.

Новиот договор го решава деценискиот проблем за интеграција на регионалните и европските енергетски пазари,согласни се и Хасани и Рамадани. Аукциите во име на двата систем оператори ќе ги организира и спроведува аукциска куќа специјализирана за оваа дејност со седиште во Подгорица –Црна Гора. Нејзината цел е од еден центар да се организираат аукции меѓу повеќе соседни електропреносни системи за да се намалат трошоците и да се овозможат фер услови за сите учесници на пазарот на електрична енергија на регионално ниво. Директорот на МЕПСО не сакаше да одговори за спорот околу неговото назначување. Рече дека не сака да го уништи убавиот момент. Инаку назначувањето на Рамадани за новата функција беше пропратена со бурни реакции пред се од Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде беше посочено дека Рамадани не може да ја извршува функцијата за директор во МЕПСО.

Како поранешен член на Регулаторната комисија за енергетика не е поминат законски предвидениот рок од две години пред да ја превземе новата функција, реагираа од комисијата за спречување на корупција.
Рамадани беше заменик претседател на РКЕ, а минатиот месец на предлог на ДУИ беше назначен за претседател на Управниот одбор на МЕПСО, на местото на Ева Шуклева.