Надворешната политика на Македонија во 2025 година: Интеграција во ЕУ – непроменета аспирација, но блокиран пат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште од почетокот на годината, политичките лидери повторно ја истакнаа посветеноста на членството во ЕУ како стратешки приоритет. Сепак, блокадата поради неспроведувањето на билатералните договори со Бугарија остана главната пречка.

„Мојата порака денес е да останете на курсот и да ги преземете потребните чекори кон отворање на преговорите.“, изјави Калас.

Ова во мај го изјави високата претставничка на ЕУ, Кaлас, нагласувајќи ја потребата од „историски одлуки“ за членство во Европската Унија.
И во текот на есента и зимата, пораките од Брисел беа во ист дух – политичка поддршка за европска интеграција, но без реална можност за напредок поради спорот со Бугарија.

Меѓу темите што доминираа во надворешната политика во 2025 година беше и континуираниот спор со Бугарија околу спроведувањето на „европскиот консензус“ и барањата за уставни измени кои го вклучуваат бугарското малцинство.

„Бугарија ќе продолжи да го почитува она што беше договорено во 2022 година. Нема да отстапиме ниту еден сантиметар од договорот. Нема да престанеме да повторуваме дека почитувањето на европските барања е неопходно за да се постигне напредок.“, рече Георг Георгиев, министер за надворешни работи на Бугарија.

Ова беше проследено со уште една изјава на 28 јуни од поранешната претседателка на бугарскиот парламент, Наталија Киселова, која изјави дека прашањето не е билатерално, туку дел од договорот со ЕУ од 2022 година, и дека Бугарија „ќе помогне“ за почеток на преговорите доколку Скопје ги исполни обврските.

Од страна на Македонија, официјалните претставници продолжија да бараат гаранции дека уставните измени ќе бидат „последни“ и дека нема да има дополнителни барања во иднина, претставувајќи го ова како прашање на правичност и реципроцитет. Премиерот Мицкоски бара вистински напредок во дијалогот.

„Мора да има гаранции од самиот Европски сојуз, мора да има и од нашиот источен сосед во делот на почитувањето на меѓународното право, почитувањето на европските институции, како што е Европскиот суд за човекови права, интеграцијата на македонската заедница во рамките на Советот на министри за малцинства кај нашиот источен сосед и така натаму. Ова не се дополнителни услови – ова значи партнерство, ова значи добрососедски односи.“, изјави Мицкоски.

Додека Владата беше истрајна во своите барања, опозицијата упатуваше критики.

„Оваа реалност е резултат на блокирачки политики, неспособност и недостаток на искрена волја од актуелната влада, која ниту во план нема уставни измени што би го деблокирале евроинтеграцискиот процес на земјата.“, изјави Арбер Адеми од ДУИ.

Ова беше негирано од страна на власта.

„Владата е фокусирана. Меѓу највисоките приоритети се европските интеграции.“, рече Изет Меџити.

Во текот на 2025 година, Скопје исто така ја нагласи важноста на партнерството со Соединетите Американски Држави, особено во областа на безбедноста, регионалната стабилност и стратешката соработка. САД јасно се изјаснија дека ја поддржуваат земјата како важен партнер на Балканот.

„Не знам дали луѓето повеќе не слушаат за уставните измени. Јас постојано слушам за истото. Убедена сум 100 проценти дека се работи на нив. Знам дека тие напорно работат во Брисел и во други европски престолнини.“, вели Агелер.

На бројни билатерални средби, Вашингтон ја истакна важноста од зајакнување на демократските институции, борбата против корупцијата и улогата на земјата како стабилен сојузник во НАТО и близок партнер на САД.

Пролетта 2025 година, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски предупреди дека продолжената блокада на процесот на интеграција може да создаде простор за влијанија од трети страни, особено од Русија, и дека кредибилитетот на европскиот процес е доведен во прашање.

„Понекогаш сакам отворено да истакнам дека руското влијание, особено во нашиот регион, доаѓа многу евтино и тие знаат како да го искористат тоа.“, рече Муцунски.

„Војната во Украина е руска агресија и сите ние сме дел од таа закана.“, вели Муртезани.

Овие изјави се поврзани со загриженоста за геополитичкото влијание на Балканот доколку европскиот процес предолго стагнира.

На крајот од годината, не дојде до отворање на преговарачките поглавја за пристапување во ЕУ. Владата на Македонија повторно ја истакна својата цел да стане дел од Европската Унија, но истовремено инсистираше на почитување на националниот идентитет и побара постигнатите услови да бидат последни и непроменливи.

Така, и во 2025 година состојбата остана иста – преговорите за членство во ЕУ се блокирани поради спорот со Бугарија, а државните претставници продолжуваат да бараат дијалог и дипломатско решение за да се унапредат европските аспирации на земјата.