Нафтата „Брент“ повторно над 100 долари, гасот во Европа близу 80 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светските пазари на енергенси се под силен притисок, при што цената на суровата нафта „Брент“ повторно ја надмина границата од 100 долари за барел, додека европскиот природен гас се приближува до 80 евра за мегават-час.

На светските берзи, нафтата „Брент“ достигна 100,74 долари за барел, поттикната од загриженоста за глобалното снабдување со енергенси и зголемените геополитички тензии.

Американската WTI нафта се тргува во опсег од 95,50 до 96,10 долари за барел за фјучерс договорите, додека спот-цената се движи меѓу 93,60 и 95,40 долари за барел.

Паралелно со растот на цените на нафтата, поскапува и природниот гас во Европа. Фјучерсите на амстердамскиот TTF пазар денеска се движеа меѓу 78 и 80 евра за мегават-час, а според податоците на „Инвестинг“, цената достигна 80 евра.

Повисоките цени на енергенсите се одразија и врз европските берзи, каде што главните берзански индекси забележаа пад. Паневропскиот STOXX 600 се намали за околу 0,7 проценти, додека пад е забележан и кај индексите DAX во Франкфурт и CAC 40 во Париз.

На валутниот пазар, едно евро се разменува за 1,1639 долари.

Во меѓувреме, фјучерсите на златото се тргуваат по цена од 4.459,26 долари за трој-унца, со благ дневен пад од 0,03 проценти. Цената на пченицата изнесува 724,90 центи за бушел, што претставува дневен пад од 0,53 проценти.