Владата да донесе таргетирани мерки за загрозените категории на граѓани за да ги заштити од инфлаторниот удар од цените на храната – апелираат експертите. Велат инфлацијата ќе расте, храната поскапува, буџетот веќе има проблеми, но во ваква криза која никој не знае колку ќе трае мора да се изнајдат механизми за заштита на најранливите.
„Не можете вие да ги ослободувате и тие кои што 10-1 5 посто си имаат високо натпросечни примања по сите основи. Така да, јас се залагам за да им се наплати со пропишаните норми, а да се распоредува после кон загрозените семејства, кон таргет-групи, бидејќи тоа треба да бидат исклучиво таргетирани политики“, порача Абдулменаф Беџети.
„Битно е да направиме мерки кои нема инфлаторно да дејствуваат и кој што ќе го поддржат посиромашните слоеви на населението, а највероватно гледате и бизнисот бара, особено оние кои што се врзани со високи трошоци со транспортот“, вели Таки Фити.
Според Беџети, Владата мора да внимава со мерката за намалување на ДДВ-то бидејќи и покрај повисоките цени на горивата, паѓаат приходите во буџетот. Академик Фити вели буџетот веќе е во проблеми и ќе мора да има ребаланс.
„Владата треба да биде доста внимателна во тој дел затоа што податоците тековно и покрај покачување на цените, се уште првото тромесечие покажуваат потфрлување на наплата на ДДВ-то за 4 до 5 посто“, порача Абдулменаф Беџети.
„Буџетот веќе има проблеми и сериозни потешкотии но во ваква ситуација едно е јасно ќе одите на ребаланс ќе го смалите буџетот. Веќе има најава за смалување од 5 отсто до буџетските корисници, ќе мора тој да се смали. Ќе мора приоритетните работи да се завршат“, вели Таки Фити.
„Состојбата ја следиме. Во оние моменти кога има услови се донела одлука ДДВ-то да се врати на 18 проценти, што не значи дека е конечна. Како што кажа претседателот, ќе се разговара повторно, ќе се види, ги следиме состојбите со цените и понатаму ќе се носат одлуки“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Експертите алармираат на претпазливост бидејќи никој не знае колку ќе трае конфликтот на Блискиот исток. Инаку цената на суровата нафта светските берзи се искачи и до 125 долари за барел. Ценовниот скок следуваше како реакција на повлекување на Обединетите Арапски Емирати од ОПЕК Плус, како и на стравувањата дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел да ескалира.
