Најава за филмски и музички студија во Скопје – познатиот Џон Малкович со нетрпение очекува, но кога Владата ќе даде „зелено светло!?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови веднаш откако ќе се изградат филмски и музички студија во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“.

Ваква најава стигна од познатата американска филмска ѕвезда Џон Малкович, кој денеска во изјава за ТВ21 посочи дека решиле проектот да го наречат Stonebridge Studios, во чест на почитта кон богатата култура и неверојатната историја на луѓето во Македонија.

Тој вели дека со нетрпение очекува да го посети Скопје, а истото ќе се случи откако Владата ќе го одобри проектот.

„Здраво. Јас сум Џон Малкович. Вечерва сум во Заечар, на настап. Сакам да ги поздравам моите македонски пријатели и да изразам колку сум возбуден што работам со колеги  професионалци Д.В. Мофет и Мет Дилон да создадат LEED сертифицирано, од холивудски калибар, филмско, музичко и медиумско студио во Скопје. Прво вакво студио на цел Балкан. Решивме проектот да го наречеме Stonebridge Studios, во чест на почитта кон богатата култура и неверојатната историја на луѓето во Македонија. Со оглед дека и јас самиот сум син на Балканот, овој проект ми е особено важен. Силно верувам дека тоа ќе биде значаен за самата држава и регионот. Со нетрпение очекувам да го посетам Скопје многу брзо, веднаш штом проектот Технолошки парк Скопје ќе биде одобрен од Владата. Возбудени сме што ќе почнеме да работиме и да создаваме не само холивудски филмови во Македонија, туку и да помогнеме на секој можен начин да се засилат веќе растечките балкански филмски, музички и уметнички заедници. Ви благодариме што гледавте и се надевам дека ќе се видиме наскоро!“, порача Џон Малкович за ТВ21.

Иван Видаковиќ, еден од основачите на компанијата која планира да го изгради проектот „Скопје технолошки парк“ во изјава за ТВ21 ги поздрави сите гледачи и посочи дека моментално се во Заечар каде ѕвездата Малкович ќе има претстава – „Исповед на сериски убиец“.

Тој, исто така, посочи дека се надева оти во најбрзо време ќе се одобри проектот од страна на Владата.

„Да направиме многу добри работи и следниот пат Џон Малкович и останатата екипа да дојдат во Македонија“, вели Видаковиќ.

Саша Грујевски, дел од проектот Скопје Технолошки парк, вели дека овој проект е доставен до Владата како понуда за оценка на исправноста и корисноста на проектот.

Тој вели дека во рамките на овој проект се планира и изградба на филмски и музички студија.

„Владата сериозно ги разгледува овие барања и наскоро се надеваме дека ќе излезе со став“, вели Грујевски.