Овците можеби се строги вегетаријанци, но тие се „целосни аматери“ во споредба со овој тип на „овца“ – тревопасни се до таа мера што и самата добива карактеристики на растение, пишува Би-би-си.
Морската голтка Костасиела, позната и како „лисната овца“ од очигледни причини – малку личи и на лист и на овца, но исто така го добила своето име затоа што поголемиот дел од времето го поминува на пасење на алги.
Но, бидејќи не може целосно да ги свари алгите, некако ги одвојува хлоропластите (зелените органели во растителните клетки кои ја претвораат сончевата светлина во хемиска енергија) од остатокот од оброкот и ги вградува во сопственото ткиво.
Така, овој полжав претставува редок пример на „животно“ кое врши фотосинтеза, инаку карактеристично за растенијата.
Овој вид полжав е откриен во 1993 година на брегот на јапонскиот остров Курошима, а може да се најде во водите во близина на Јапонија, Филипините и Индонезија.
Живеат во тропска клима, имаат две темни очи и два рога кои излегуваат од врвот на главите и изгледаат како овчи уши или антени од инсекти, па оттука и вообичаеното име „лисната овца“.
